„Денешниов ден има особено значење за жителите на Ченто, како и за многубројните чинители кои работат и живеат за културата. Чувствувам особено задоволство што денес присуствуваме на свеченото отворање на реконструираниот и современо уреден Дом на културата „11 Октомври“ во населбата Ченто, значаен културен објект во рамките на Општина Гази Баба.
Денешниов настан претставува повеќе од отворање на еден објект, тој е симбол на нов почеток, на обновена енергија и на засилена грижа за културниот живот“, истакна министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на денешното свечено отворање, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.
Министерот Љутков додаде дека со инвестиција од над 87 милиони денари, обезбедена преку средствата од капиталните дотации за културата, Домот на културата „11 Октомври“ е целосно реконструиран и трансформиран во современ, функционален и енергетски ефикасен објект, приспособен за одржување најразлични културни настани.
Тој нагласи дека реализацијата на проектот претставува резултат на успешна и координирана соработка меѓу централната и локалната власт, што претставува пример за ефикасно партнерство во интерес на граѓаните и развојот на културата.
Министерството за култура и туризам, рече Љутков, во континуитет инвестира во проекти на локално ниво, со цел рамномерен културен развој низ државата.
Се очекува Домот на културата „11 Октомври“ во Ченто да прерасне во значаен центар на културните случувања, кој ќе ги обединува генерациите и ќе придонесува за збогатување на културниот живот во општината и пошироко.