Министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани, денеска се обрати на отворањето на првата меѓународна конференција „Мост на знаењето: Различноста, дијалогот и иновациите во современите библиотеки“ во Тетово, нагласувајќи ја значајната улога на библиотеките во развојот на образованието, културата и критичкото мислење.
„Министерството за култура и туризам ја препознава важноста на ваквите иницијативи. Ние сме убедени дека инвестирањето во библиотеките, во нивната модернизација, во дигитализацијата на фондовите и во професионалниот развој на кадрите е инвестирање во темелите на општеството. Знаењето, читањето и културната писменост се предуслови за демократски развој, за критичка јавност и за одржлива иднина“, истакна Сулејмани.
Тој нагласи дека библиотеките се простори каде што се чува колективната меморија, каде што се негува критичкото мислење и каде што се градат мостови меѓу различни заедници, генерации и култури.
„Во време кога информацискиот простор е преплавен со содржини, улогата на библиотеката како доверлив, отворен и квалитетен извор на знаење станува уште поважна“, посочи министерот.
Сулејмани ја поздрави посветеноста на директорот на Националната установа Библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово, Бинас Пајазити, и на вработените, истакнувајќи дека конференцијата претставува значајна можност за продлабочување на професионалната соработка и размена на искуства во регионот.
„Нивното залагање покажува дека институцијата не само што ги исполнува своите тековни обврски, туку има и јасна визија за натамошен развој“, истакна Сулејмани, кој најави реализација на поголем проект за Библиотеката „Кочо Рацин“ – Тетово, кој треба да отвори нови перспективи за дејноста на библиотеката и за културната соработка.
Конференцијата се одржува на 14 и 15 октомври 2026 година, во организација на НУ Библиотека „Кочо Рацин“, а учествуваат професионалци, истражувачи и претставници на библиотечни институции од земјава и од регионот.