Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Сулејмани на фестивалот „Пчелички“: Поддршката на детското творештво е вложување во иднината на културата

Сулејмани на фестивалот „Пчелички“: Поддршката на детското творештво е вложување во иднината на културата

Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани присуствуваше на 32. издание на детскиот музички фестивал „Пчелички 2026“, што се одржа во Центарот за култура „Ило Антески-Смок“ во Тетово. Во своето обраќање, тој истакна дека фестивалот повеќе од три децении им овозможува на младите генерации да го покажат својот музички талент и да ги направат првите чекори на музичката сцена.

Посочувајќи го значењето на манифестацијата во откривањето и афирмирањето нови музички имиња, Сулејмани потсети дека токму на сцената на „Пчелички“ своите музички почетоци ги имале и пејачи кои подоцна станаа препознатливи имиња, меѓу кои Биг Мама, Алтуна Сејдиу-Туна, како и покојниот Шпат Касапи.

„Како Министерство за култура и туризам, ја препознаваме и ја поддржуваме важноста на ваквите манифестации, кои ја поттикнуваат креативноста кај најмладите и го збогатуваат културниот живот. Вложувањето во детското творештво е вложување во иднината на културата и во генерациите што ќе ја создаваат“, истакна Сулејмани. Тој им честиташе на организаторите за посветеноста и истрајноста во зачувувањето на фестивалската традиција, а на младите учесници им посака успешни настапи и многу музички успеси.

На 32. издание на фестивалот, кој се одржува на албански јазик и е во организација на Радио Блета, беа претставени 18 нови детски композиции во изведба на млади музички таленти. Фестивалот има натпреварувачки карактер, а од неговото основање во 1994 година досега промовирал околу 500 детски песни, во соработка со голем број автори, композитори и продуценти од земјава и од регионот.

Мени за пристапност