Во пријателска и конструктивна атмосфера, министерот за култура и туризам Седат Сулејмани се сретна со амбасадорката на Словачката Република, Ивета Хрицова. На средбата беа разменети мислења за досегашната успешна соработка меѓу двете земји, како и за можностите за нејзино натамошно унапредување.
Министерот Сулејмани упати благодарност до амбасадорката Хрицова за поддршката на Словачка во процесот на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
Посебно внимание беше посветено на културната размена и можностите за поголема презентација на македонските и словачките автори, уметници и институции, како и на создавањето нови партнерства и заеднички проекти. Во тој контекст, беше истакнато значењето на новиот Договор за соработка меѓу двете министерства, кој е во фаза на усогласување и се очекува наскоро да биде потпишан.
Соговорниците разговараа и за унапредување на соработката во туризмот, имајќи ги предвид богатото културно наследство, природните убавини и туристичките потенцијали на двете земји. Тие оценија дека досегашните односи се одлична основа за продлабочување на соработката и за зајакнување на пријателството и меѓусебното разбирање.