Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Живко Попов, денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува институционална рамка за заедничко дејствување во областа на културата, културното наследство и научноистражувачката дејност.
Со Меморандумот се создаваат услови за вклучување на врвни научни и стручни кадри од МАНУ во креирањето и подготовката на политики, стратегии и развојни насоки во културата, како и за реализација на научни и културолошки истражувања од национален интерес.
Соработката предвидува заеднички активности во повеќе области, меѓу кои: подготовка на стратешки документи, истражувања и анализи, проучување и промоција на културното наследство, создавање дигитална архива, развој на бази на податоци за археолошкото, уметничкото и средновековното книжевно наследство, како и иницирање активности за реституција на културното наследство.
Покрај Меморандумот, министерот Љутков и претседателот на МАНУ, академик Попов, потпишаа и Договор за соработка со кој се уредуваат меѓусебните права и обврски за реализација на два значајни издавачки проекти од национален интерес: двојазичното издание на монографијата „Корпус на камени споменици од римско време во Македонија – Corpus Signorum Imperii Romani, том I/II“, под редакција на Вера Битракова-Грозданова и Александра Николовска, како и англиското издание на монографијата „Живописот на Охридската архиепископија – The Wall Paintings of Ohrid Archbishopric, том IX“ од академик Цветан Грозданов, под редакција на Сашо Цветковски. За реализацијата на овие значајни монографии Министерството ќе обезбеди финансиска поддршка во износ од 1.000.000 денари.
Во рамките на Меморандумот, Министерството и МАНУ ќе соработуваат и во организацијата на научни конференции, семинари, работилници, изложби и други едукативни и промотивни настани, како и во размената на научни сознанија, стручна литература и искуства.
Потпишувањето на Меморандумот и Договорот претставува значаен чекор кон продлабочување на соработката меѓу Министерството за култура и туризам и МАНУ и кон унапредување на научно заснованите политики за зачувување, истражување и промоција на македонското културно наследство.