„По речиси една деценија, вечерва од овој простор исполнет со креативна енергија, испраќаме силна порака, порака за поддршка, континуитет и јасна определба дека уметноста мора и треба да има свое заслужено место во нашето општество. Со вечерашнава изложба се обновува значајната мерка за откуп на ликовни дела, предвидена во Програмата на Владата, која последен пат беше реализирана во 2016 година“, рече министерот Зоран Љутков на отворањето на изложбата на откупени ликовни дела на Конкурсот на Министерството за култура и туризам за 2026 година.
Тој додаде дека со оваа значајна стимулативна мерка, која е вклучена и во новата стратегија на Министерството за култура и туризам (2026 – 2030) што е во фаза на донесување, дополнително се потврдува заложбата за долгорочна и одржлива културна политика.
Во рамките на годинашниот откуп, поддржани се 28 автори и 37 ликовни дела, со вкупна вредност од околу 7 милиони денари. Според министерот, ова е мерка со која не само што се поддржуваат уметниците туку и се збогатува фондот на уметничките збирки.
Нашата цел, како што потенцира министерот, е јасна – да изградиме одржлив и динамичен културен систем, во кој уметниците имаат простор да создаваат, институциите да се развиваат, а публиката да има пристап до квалитетна култура.
„Им честитам на избраните автори и изразувам благодарност до членовите на Комисијата за нивната стручна и посветена работа, како и до сите уметници кои со своето творештво ја збогатуваат македонската култура. Нека оваа изложба биде потсетник дека уметноста не само што го отсликува времето во кое живееме, туку и активно го обликува“, истакна министерот Љутков.