Со пригодна свеченост вчеравечер во Кинотеката на Македонија беше одбележан големиот јубилеј – 50 години постоење на институцијата што претставува еден од темелите на националната културна меморија. Настанот обедини уметници, архивисти, културни работници и бројни гости, кои заеднички оддадоа почит на петдецениската посветеност зачувувањето на филмското наследство.
Обраќајќи се пред присутните, министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека „филмот е најнежната и најсилната форма на паметење“, нагласувајќи дека Кинотеката е „чувар на времето, архив на идентитетот и тивка, но непоколеблива одбрана од заборавот“.
Според него, јубилејот не е само повод за одбележување, туку и потврда за континуираната вредност што институцијата ја создава низ генерациите.
„Педесет години се доказ за истрајна верба во суштината на културата како темел врз кој се гради општеството, како вредност што создава смисла, континуитет и иднина. Дека сликата што ја зачувуваме денес, утре ќе биде доказ дека сме постоеле, мислеле, чувствувале. Дека сме имале што да кажеме. Во овие простории не се чуваат само филмски ленти, овде се чуваат човечки судбини. Овде се зачувани погледите на генерации свртени кон иднината со сомнеж и надеж. Тука се гласовите што вечно ги раскажуваат приказните за нас самите“, рече Љутков.
Министерот упати благодарност до сите вработени, архивисти, кустоси и технички персонал, чија тивка, но исклучително значајна работа овозможува филмските записи да продолжат да сведочат за духот на времето.
„Вие не чувате само материјал, туку чувате смисла, а вашата тишина зборува најгласно. И затоа, оваа годишнина не е само повод за честитка. Таа е повик, повик да продолжиме, да вложуваме, да создаваме и да не дозволиме културната меморија да стане тивка архива без глас, туку жив организам што дише со своето време“, истакна тој.
Во своето обраќање Љутков потенцираше дека Министерството за култура и туризам и во иднина ќе продолжи со силна поддршка на Кинотеката, со цел нејзина модернизација, дигитализација и поголема достапност до јавноста, со цел како што рече „ таа да биде дом на вистината запишана во слика“.
Министерот Љутков своето обраќање го заврши со констатација дека Кинотеката не е само место каде се чуваат филмови, туку простор каде се чува идентитетот за да се разбере минатото и да се обликува иднината.