Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани оствари средба со директорот на Државниот ансамбл на албански народни песни и ора, Јетмир Реџепи, на која беше разговарано за учеството на ансамблот на 66. издание на меѓународниот фестивал „La Farandole“ во Ница, Франција.
На средбата беа споделени впечатоците од фестивалот, успешните настапи на ансамблот, како и позитивниот прием од страна на меѓународната публика. Со своите настапи, ансамблот достоинствено ја претставува Република Северна Македонија, афирмирајќи го богатството на албанскиот фолклор и културната разновидност на нашата држава.
Државниот ансамбл има значајна улога во зачувувањето, негувањето и промовирањето на традиционалното културно наследство. Преку песната, ората, музиката и сценскиот израз, ансамблот го пренесува богатството на албанската фолклорна традиција и придонесува кон нејзиното современо вреднување и афирмација, како важен дел од културниот мозаик на Северна Македонија.
Министерството за култура и туризам останува посветено на поддршката на културните институции и уметничките колективи во нивните активности за меѓународна промоција и презентација на културното богатство на Република Северна Македонија.