Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Н.Е. Рафаел Соријано Ортиз
Во отворен и конструктивен разговор беа потврдени одличните односи меѓу двете земји и заедничката определба за нивно натамошно продлабочување, со посебен фокус на културата и туризмот како важни области за поврзување, промоција и создавање долгорочни партнерства.
Во делот на културата, соговорниците разговараа за унапредување на размената и претставувањето на македонски и шпански уметници, автори и културни институции, како и за можностите за реализација на заеднички проекти и иницијативи.
Беше реафирмирана и идејата за отворање на Институт „Сервантес“ во Северна Македонија, што би претставувало значаен чекор во продлабочувањето на културните врски меѓу двете земји.
Разговорот опфати и конкретни можности за унапредување на туристичката соработка, преку размена на искуства, промоција на туристичките дестинации и поттикнување на поголема туристичка размена. Притоа, беше истакнато и значењето на претставувањето на Северна Македонија на Саемот за туризам во Шпанија во јануари 2027 година.
Амбасадорот Ортиз го информираше министерот Сулејмани и за претстојните активности на Амбасадата на Кралството Шпанија во нашата држава.