Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, вчера ја отвори изложбата „Тапети“ во Музејот на современата уметност – Скопје, уникатен проект што воспоставува креативен дијалог меѓу современата уметност на Македонија и на Австрија.
Изложбата претставува значаен пример за меѓународна културна соработка и поврзување преку уметноста, обединувајќи дела од колекциите на Музејот на современата уметност – Скопје и ЕВН Австрија. Проектот, кој првично е создаден во Австрија, со своето претставување во Скопје добива нов контекст и дополнителна вредност во еден од најзначајните простори за современа уметност во земјава.
На отворањето присуствуваа амбасадорот на Република Австрија во земјава, Мартин Памер, директорот на МСУ – Скопје, Авни Ќаили, Волфганг Мајер и претставници на ЕВН Македонија, како и голем број уметници, културни работници и љубители на современата уметност.
Министерството за култура и туризам ја поздравува реализацијата на ваквите проекти кои го поттикнуваат меѓукултурниот дијалог, ја зајакнуваат меѓународната културна соработка и отвораат нови можности за размена на идеи, искуства и уметничка практика. Културата останува еден од најсилните мостови за поврзување меѓу народите и за градење трајни партнерства засновани врз заеднички вредности.