Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Љутков: Над 7,3 милиони денари за втората фаза од реновирањето на новиот дом на НУ Џез-оркестар

Љутков: Над 7,3 милиони денари за втората фаза од реновирањето на новиот дом на НУ Џез-оркестар

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска беше во работната посета на НУ Џез-оркестар на Македонија, каде што е во тек втората фаза од реновирањето и уредувањето на новиот дом на оваа национална установа.

 

– Со договорот склучен со „ПМГ Констракшн“ ДООЕЛ Скопје, за што Министерството обезбеди над 7,3 милиони денари, се реализираат активности за завршна обработка на подови, акустична обработка, внатрешна столарија и санитарна опрема, а рокот за реализација е 90 дена. Она што особено ме радува е фактот што со реализацијата на проектот, Националниот џез-оркестар ќе добие современ и функционален простор, достоен за музичарите и за културната сцена во државата – рече министерот Љутков.

 

Министерот додаде дека е ова инвестиција во иднината на македонската музика и во условите во кои творат нашите уметници.

 

Тој посочи дека за уредување на просториите е изработен Основен проект уште во 2023 година од „Мегарон инженеринг“ ДОО Скопје, по што започнала реализацијата на првата фаза од проектот, со финансиска поддршка од 10 милиони денари преку договор меѓу Владата, ТАВ Македонија, ТАВ ТЕПЕ АКФЕН и Министерството за култура.

 

Во првата фаза се реализирани зафати за уривање и реконструкција на постојните простории, поставување нови инсталации, хидроизолација, нови преградни ѕидови и целосна инфраструктурна подготовка на просторот.

 

– Најважно е што денес веќе не зборуваме за идеја, туку за реален, видлив напредок. Просторот добива нов лик и услови какви што заслужува Џез-оркестарот – нагласи министерот.

 

Новиот простор зафаќа околу 500 квадратни метри и ќе располага со современа сала за вежбање поврзана со тонско студио, гардероби, канцеларии и други помошни простории.

 

 

Како потврда за континуираната институционална поддршка, Националниот џез-оркестар годинава доби и делегиран буџет во висина од 9 милиони денари.

 

Џез-оркестарот како национална установа е основан во март 2023 година, на иницијатива од Здружението на џез-музичари и слободни уметници (ЗЏМ), кое претходно со години функционираше како биг бенд и активно настапуваше во земјава и во странство.

Мени за пристапност