„Со конкретни инвестиции и јасна стратегија, Министерството за култура и туризам интензивно го засилува развојот на археолошкиот локалитет Стоби, насочувајќи над 10 милиони денари за археолошки истражувања, конзервација и унапредување на туристичката инфраструктура“, изјави министерот Зоран Љутков при денешната посета на археолошкиот локалитет „Стоби“.
Тој додаде дека во фокусот е адаптацијата на старата железничка станица во модерен центар за посетители, кој треба да биде отворен во септември и значително да го унапреди туристичкото искуство.
„Стоби не е само археолошки локалитет – тој е наша шанса да го претставиме културното наследство како двигател на туризмот. Со неговата стратешка поставеност на автопатот Е-75, имаме уникатна можност илјадници транзитни патници да ги претвориме во посетители. Нашата цел е јасна – Стоби да стане неизбежна туристичка станица на Балканот“, изјави министерот Љутков.
Според Љутков, дополнителна тежина на развојот му дава и силната меѓународна поддршка. Реномирани организации и фондации од САД, Италија и од Бугарија веќе инвестираат во локалитетот, потврдувајќи дека Стоби е културно наследство од светско значење. Во тој контекст, НУ Стоби со долгогодишните партнери, фондацијата „Балканско наследство“, реализираше донација од Џ. М. Каплан во висина од 400 000 американски долари. Минатата година конзерваторските работи на палатата продолжија со грант од Американскиот институт за римска култура во висина од 100 000 американски долари.
Според министерот, заедничката работа на државата, институциите и странските партнери отвора ново поглавје за Стоби, како современо уреден, достапен и атрактивен локалитет што ќе го претставува македонското културно богатство пред светот.