Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Љутков: Сертификатите за извонредност се признание за посветеноста на општините

Љутков: Сертификатите за извонредност се признание за посветеноста на општините

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска присуствуваше на настан во рамките на „ЕУ за општините“ (EU4M) – програма финансирана од Европската Унија.

 

На настанот, на кој присуствуваа амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, како и министрите за европски прашања, Беким Сали, и за локална самоуправа, Златко Перински, се одржа и свеченост на која беа доделени „Сертификати за извонредност на општините“ (Municipal Excellence Labels) на наградените општини Росоман, Гевгелија, Кавадарци и Едеса од Грција.

 

Во своето обраќање пред присутните, министерот Љутков ја истакна важноста на заедничката работа и координацијата за развој на туризмот и локалните заедници, потенцирајќи дека овие признанија претставуваат потврда за посветеноста и визијата на општините.

 

„Денес испраќаме значајна порака дека успешниот туризам и одржливиот локален развој се резултат на соработка и координација. Моделот на дестинациски менаџмент и меѓуопштинска соработка што го гледаме овде е пример кој треба да се следи и понатаму да се развива“, рече  министерот.

 

Тој додаде дека рамномерниот регионален развој е клучен предуслов за долгорочен економски раст и стабилност, при што нагласи дека развојот треба да ги опфати сите региони и да создаде нови можности за локалните заедници.

 

Воедно, беше посочено дека Министерството за култура и туризам, во соработка со Владата и Советот за туризам, веќе работи на изработка на Национална стратегија за туризам, која ќе обезбеди системски пристап за одржлив, координиран и конкурентен туристички сектор.

 

Беше нагласен потенцијалот на Повардарскиот Регион, кој со својата географска положба, природните богатства, гастрономијата и културното наследство има можност да се позиционира како значајна туристичка дестинација, особено за транзитните туристи.

 

На крајот, министерот им честиташе на наградените општини и ја потврди заложбата на институциите за понатамошна поддршка на иницијативи што придонесуваат за локален развој и унапредување на туристичката понуда во земјава.

 

 

 

Мени за пристапност