Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Љутков од Струга: Струшките вечери на поезијата повторно ја обединуваат светската поезија

Љутков од Струга: Струшките вечери на поезијата повторно ја обединуваат светската поезија

Вечерва Струга повторно станува место каде што зборот ја надминува својата книжевна форма и добива сила на духовен настан“, порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков на свеченото отворање на 65. издание на „Струшките вечери на поезијата“.

 

Тој додаде дека постојат градови препознатливи по своите градби, по својата историја или по својата географија, но Струга поседува една поинаква привилегија. Таа е препознатлива по идејата. По вербата дека поезијата претставува највисока форма на човечка комуникација.  

 

По вербата дека поезијата отвора хоризонти што не се впишуваат во картите на светот, ниту се потчинуваат на логиката на моќта.

 

Во тој контекст министерот посочи дека поезијата отсекогаш била еден од најсигурните начини на кои човештвото разговара со својата совест.

 

„Во стихот се зачувани стравовите и надежите на епохите, сеќавањата на народите и вечната човечка потрага по смисла. Оттаму произлегува и нејзината трајна вредност: таа не нуди готови вистини, туку го проширува хоризонтот на нашето разбирање за светот и за самите себе си, рече Љутков.

 

За годинашната лауреатка на „Златниот венец“, холандската поетеса Анеке Брасинга, министерот истакна дека нејзиното творештво отвора нови поетски хоризонти.

 

„Таа припаѓа на оние ретки автори кои од обичниот миг создаваат чувство на вечност. Нејзината поезија ја истражува границата меѓу видливото и невидливото, меѓу секојдневието и тајната што живее зад него. Во нејзините стихови зборовите не го опишуваат светот; тие го преиспитуваат. Не нудат готови одговори, туку отвораат нови хоризонти на мислата “, додаде Љутков.

 

На 65. издание на „Струшките вечери на поезијата“  од 24-29 јуни под мотото „Каде што живее поезијата“ учествуваат околу 70 поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјата и од странство, од повеќе од 15 држави од светот.

 

Покрај лауреатката на највисокото фестивалско признание „Златен венец“, холандската поетеса Анеке Брасинга, и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, британскиот поет Даниел Хајндс, на фестивалот учествуваат и поети од Македонија, Грција, Турција, Бугарија, Австралија, Албанија, Холандија, Италија и други земји.

 

Мени за пристапност