Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Љутков: „Битола добива нов културен импулс - инвестиции во наследството и иднината“

Љутков: „Битола добива нов културен импулс - инвестиции во наследството и иднината“

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска престојуваше во работна посета на Битола каде, заедно со градоначалникот Тони Коњановски, изврши увид во повеќе капитални проекти од областа на културата и заштитата на културното наследство.

 

Посетата започна со работна средба во Општина Битола, на која беа разгледани актуелните и идните проекти кои се реализираат во соработка помеѓу Министерството за култура и туризам и локалната самоуправа. Во фокусот на разговорите беа инвестициите во културната инфраструктура, заштитата на културното наследство и развојот на културниот туризам.

 

Во рамките на посетата, министерот Љутков изврши увид во градежните активности за реконструкција, санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“, еден од најзначајните капитални проекти во Битола, вреден 94 милиони денари.

 

Кино Партизан со години беше запуштен и нефункционален објект. Денес гледаме дека работите се одвиваат со добра динамика и дека чекор по чекор создаваме современ, мултифункционален, културен центар кој ќе биде дом на бројни културни настани и ново место за средба на уметниците и граѓаните“- истакна министерот Љутков.

 

Тој потсети дека објектот ќе биде целосно обновен и ставен во функција до 2027 година, кога Битола ќе добие нов простор за концерти, изложби, кино-проекции и други културни содржини.

 

Министерот изврши увид и во конзерваторско-реставраторските работи во Јени џамија, еден од најрепрезентативните споменици на културата во државата. За реализација на овој повеќегодишен проект Министерството обезбеди околу 12 милиони денари.

 

„Нашата обврска е да ги зачуваме највредните сведоштва на нашата историја. Јени џамија е дел од културниот идентитет на Битола и затоа вложуваме сериозни средства за нејзина целосна заштита и реставрација“- нагласи Љутков.

 

Работната посета продолжи на археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија. Годинава Министерството издвои 700 илјади денари за заштита на локалитетот и мозаиците, кои претставуваат негово најголемо богатство.

 

„Хераклеја не е само дел од нашето минато, туку и значаен потенцијал за иднината. Фактот што локалитетот го посетуваат до 25 илјади посетители годишно, покажува колкав е интересот за нашето културно наследство. Затоа продолжуваме да инвестираме во негова заштита и презентација“ - рече министерот.

 

Во изминатите две години, Министерството за култура и туризам инвестираше околу 32 милиони денари во проекти што ги реализира НУ Завод и Музеј – Битола, меѓу кои реставрација на фасадата на музејот, партерно уредување на лапидариумот, обновување на сувенирницата, како и конзервација на спомен-куќите на Гоце Делчев и Стив Наумов.

 

Битола останува еден од најважните културни центри во Македонија. Преку инвестиции во културната инфраструктура, заштита на културното наследство и развој на културниот туризам, Министерството за култура и туризам продолжува да создава услови за зачувување на националниот идентитет и за афирмација на македонските културни вредности пред домашната и меѓународната јавност.

 

 

Мени за пристапност