Во организација на Министерството за култура и туризам денеска во Музејот на македонската борба за самостојност се одржа јавна расправа по Предлог-текстот на Националната стратегија за развој на културата за периодот 2026–2030 година, на која министерот за култура и туризам ја истакна важноста на културата како двигател на општествениот, економскиот и демократскиот развој на државата.
Во своето обраќање министерот нагласи дека новата Национална стратегија претставува сеопфатен и развоен документ изработен низ широк консултативен процес со вклучување на стручната јавност, институциите од културата, граѓанскиот сектор, универзитетски професори, уметници, претставници на МАНУ, Советот за култура и експерти на УНЕСКО.
„Културата не е само обврска и интерес на културниот сектор, туку и на сите други сектори во државата. Затоа културниот сектор треба да се интегрира во другите сектори, а другите сектори во културниот сектор“, истакна министерот Љутков.
Тој посочи дека културата мора да биде интегрирана во сите развојни политики на државата и дека новата Стратегија ја препознава културата како суштински ресурс за одржлив развој и општествена кохезија.
Во Националната стратегија се дефинирани пет приоритетни области кои се однесуваат на поттикнување и негување на квалитетот и разновидноста на креативните изрази, заштита и одржливо користење на културното наследство, преобликување на моделите на управување во културата, дигитализација и дигитална трансформација, како и развој на културата како ресурс за креативен, социјален и економски напредок.
Посебен акцент во Стратегијата е ставен на младите и нивното активно учество во културниот живот преку нови програми за едукација, поддршка на талентирани деца, воведување културни ваучери и реализација на проекти за домашна продукција на содржини за деца и млади.
„Предизвиците на новото време - глобализацијата, новите технологии и вредносните ориентации - на културата ѝ даваат карактеристики на исклучително развојна сфера за целокупниот современ развој. Улогата на државата како институционална рамка е да ги стимулира, да ги помага, да ги унапредува и да ги развива културните односи во општеството “, нагласи министерот.
Според министерот, автономијата во културата, што ќе се обезбеди со преобликување на мрежата на национални установи и децентрализацијата, Тој додаде дека реформите во културата нема да значат укинување на институции туку нивна модернизација, поголема институционална автономија и подобрување на условите за работа на културните работници.
„Преобликувањето на мрежата на установите не подразбира укинување на институциите, туку нивна современа реорганизација во функција на остварување на мисијата и визијата за која се основани. Ниедно вработено лице во установите од културата нема да го загуби работното место, туку сите вработени ќе имаат можност да дадат свој придонес во работењето на матичните установи“ порача министерот.
Во делот на заштитата на културното наследство предвидени се мерки за поефикасна валоризација, конзервација и современа презентација на наследството, како и активности за спречување нелегална трговија со културни добра и зајакнување на стручниот кадар.
Предуслов за успешно спроведување на сите мерки и активности, особено во заштитата на културното наследство, додаде, е стручниот кадар.
„Свесни сме за алармантната состојба во оваа сфера и затоа наш приоритет ќе бидат вработувањето и едукацијата на стручниот кадар. Ќе го подобриме функционалното дејствување на установите и ќе ја модернизираме правната рамка во заштитата на културното наследство“ рече Љутков.
На јавната расправа беше нагласено и значењето на невладиниот сектор и независната културна сцена како важни партнери во креирањето и развојот на современите културни политики.
По завршувањето на јавната расправа сите пристигнати забелешки и предлози ќе бидат внимателно разгледани и вградени во финалниот текст на Стратегијата, по што документот ќе биде доставен до Владата и Собранието на Република Македонија.
Министерството за култура и туризам останува посветено на создавање современ, инклузивен и динамичен културен систем усогласен со европските и светските стандарди и насочен кон долгорочен развој на македонската култура.
Предлог-текстот на Националната стратегија за развој на културата за периодот 2026–2030 година, од 24 март 2026 година е објавен и на единствениот национален електронски регистар на прописи ЕНЕР, каде што можеше сите заинтересирани да се поднесат мислења, предлози и забелешки.