Во пресрет на годинашното издание на „Мајски оперски вечери“, денеска во Националната опера и балет се одржа прес-конференција на која беа претставени програмата и концептот на фестивалот.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков на прес-конференцијата истакна дека „Мајските оперски вечери“ претставуваат еден од најзначајните културни настани во државава и се симбол на континуитет, квалитет и уметничка амбиција.
„Мајските оперски вечери не се само уште еден културен настан во календарот. Тие се културна порака дека оваа земја има капацитет, има талент и има визија да создава настани што се рамноправни со европските“, истакна министерот.
Тој нагласи дека Министерството за култура и туризам ја гледа оваа манифестација како стратешка инвестиција во културниот идентитет, меѓународната видливост и уметничкиот развој на државата.
„Нашата цел е јасна: кога граѓаните ќе влезат во салата, да не добијат само претстава, туку искуство. Да почувствуваат дека се дел од нешто вредно, нешто што ја претставува Македонија со достоинство и гордост“, рече тој.
Во своето обраќање, министерот потенцираше дека годинашната програма, со дела од Верди и Пучини и учество на домашни и меѓународни уметници, претставува спој на традицијата и современите продукциски пристапи.
„Ова е визијата што ја поддржуваме – култура што не се затвора во рамки, туку комуницира, се натпреварува и се докажува на највисоко ниво. Присуството на врвни уметници од меѓународната сцена, заедно со нашиот извонреден ансамбл, создава продукција што не е само национална, туку европска по својот квалитет“, додаде министерот Љутков.
Годинава во рамките на „Мајските оперски вечери“ публиката ќе има можност да проследи концерти, театарски претстави и џез-настани, како и настапи на реномирани солисти и ансамбли од меѓународната сцена.