Министерот за култура и туризам Зоран Љутков и министерот за транспорт Александар Николоски денеска се обратија на првата панел-дискусија на конференцијата „Е-75 – Основа за развој на креативен туризам и негова одржливост“. Конференцијата е дел од фестивалот за развој на креативните економии „Недела на дизајн – Скопје 2025“, кој има цел да поттикне нови идеи и одржливи решенија во областа на туризмот и креативните индустрии.
Во своето обраќање, министерот Љутков истакна дека автопатот Е-75 не е само инфраструктурен проект што го поврзува северот со југот на земјата туку и симбол на можностите за развој, соработка и нови партнерства.
„Секој километар од овој пат носи потенцијал за нова приказна – за локален развој, културна размена и туристичка понуда што ја претставува нашата земја на автентичен начин. Секое мало место, секој локален занает или ресторан што ја споделува својата традиција е дел од поголем мозаик кој може да се претвори во препознатлива туристичка вредност“, нагласи Љутков.
Тој додаде дека креативниот туризам не значи само посета на музеи или археолошки локалитети – тој подразбира учество, интеракција и споделување на културата и традицијата. Затоа кога транспортот и туризмот ќе се здружат, тогаш се создава одржлива енергија што го движи целиот регион напред.
„Транспортот ја носи економијата, но туризмот ја носи душата на едно место. Кога овие две сили ќе се здружат, тогаш се создава енергија што го движи целиот регион напред“, истакна Љутков.
Министерот Александар Николоски, пак, истакна дека Владата веќе работи на конкретни инфраструктурни и развојни проекти кои ќе ги поддржат туризмот и економијата по должината на Коридорот 10 (Е-75).
„Во подготовка сме за градење брза пруга од Скопје до Солун. На вчерашната седница на Владата усвоена е одлука за урбанистичко решение на локалитетот Стоби, а во Тиквешијата се отвораат нови винарии. Нашата цел е да ја олесниме изградбата на нови хотели и да ги задржиме туристите кои транзитираат низ Коридорот 10“, изјави министерот Николоски.
Тој потенцираше дека преку заеднички настап на ресорите за транспорт и туризам, Е-75 може да стане коридор на можности, место каде што инфраструктурата и туризмот се надополнуваат и создаваат нови вредности за локалниот развој.