Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Во македонскиот КИЦ во Загреб – „Магичниот круг на детството“ на КАТ Продукција

Во македонскиот КИЦ во Загреб – „Магичниот круг на детството“ на КАТ Продукција

Македонскиот јазик е најголемата културна татковина, која нема граници. Затоа живеењето на јазикот меѓу генерациите, кои не се во Македонија, туку живеат во други држави, е многу значаен културен елемент.

Ова е главното мото под кое од 16 до 19 април во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб ќе биде реализиран мултимедијалниот проект за деца „Магичниот круг на детството“ на КАТ Продукција. Проектот се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.

Во рамките на проектот ќе бидат опфатени 40-ина ученици кои учат македонски јазик во двете основни училишта во Загреб – „Август Харамбашиќ“ и „Никола Тесла“ – под водство на наставникот Деспина Белчовска Велинска.

Ќе бидат реализирани три креативни работилници, и тоа: драмска, под водство на актерката и режисер Снежана Конеска Руси; работилница за илустрација на книги за деца, под водство на дизајнерот и едукатор Елена Максимовска и работилница за креативно пишување, под водство на м-р Татјана Гогоска, автор на проектот и автор на книгата „Магичниот круг на детството“, која ќе биде промовирана на завршниот настан на 19 април во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб во присуство на повеќе гости од разни сектори. На настанот, меѓу другите, ќе зборуваат директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска-Илиевска, која со својата поддршка го овозможи реализирањето на овој проект, и авторката на книгата, м-р Татјана Гогоска. Книгата ќе ја промовираат децата учесници во трите работилници, со свој перформанс. Целиот настан ќе го води познатата актерка и режисерка Снежана Коневска Руси.

Мени за пристапност