Од 18 до 20 септември во Лемос (Лаимос) кај Преспа ќе се одржи Меѓународниот фестивал на современа уметност и култура „Пеењето на славејот 2026 | Ноќ на границата“.
НУ Манифестација „Смилевски конгрес“ е коорганизатор на овој меѓународен настан преку својата платформа „Kooperacija Sessions“.
„Овој настан го сметаме од исклучително значење за унапредување на меѓусоседските односи и за афирмација на автентичната македонска уметност и музика, изведена на македонски јазик, ендемично во соседната земја“, велат од НУ „Смилевски конгрес“. Оттаму додаваат дека годинашното издание се одвива во Лемос, Преспа, на само неколку метри од историскиот граничен премин Лемос–Маркова Нога, кој е затворен од 1967 година. Над 75 творци од осум земји ќе се сретнат преку визуелната уметност,
музиката и филмот, претворајќи ја границата во место за културна средба и поврзување.
Предвидени се повеќе настани, меѓу кои и меѓународна изложба на современа уметност, потоа „Ноќ на границата“ – прекугранична музичка средба на која ќе настапат музички уметници од Грција и од Македонија, а ќе има и проекции на избрани краткометражни филмови во соработка со филмските фестивали „Balkans Beyond Borders Short Film Festival“ и „Florina International Film Festival“.
Настанот се одржува под покровителство на Министерството за култура на Република Грција и Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.