Триесет и третото издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, што традиционално почнува на 8 септември, на Денот на независноста, годинава на програмата има 13 остварувања од земјава, Бугарија, Србија и од Италија, кои ги одбра селекторот Љупчо Ѓоргиевски.
Фестивалската завеса ќе ја кренат актерите од струмичкиот театар со претставата „Синот“ од Флоријан Зелер во режија на Благој Мицевски. Со камерни театарски остварувања ќе се претстават и актери од: МНТ, Драмскиот театар од Скопје, Народниот театар од Битола, Кумановскиот театар и Театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, а на програмата се и две монодрами и копродукциски проекти.
Фестивалското жири, кое ќе одлучува за единствената награда на највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, што се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1 500 евра, ќе го предводи ланскиот лауреат, Долорес Лео Поповиќ.
Фестивалот ќе се одржи од 8 до 13 овој месец во Центарот за култура „Антон Панов“ со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам и Општина Струмица.