Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија е отворена изложбата „Стил и линија“ од Кристина Савова.
Изложбата на Савова претставува визуелно и концептуално проучување на модата како гест, движење и израз, и на линијата како првичен јазик на дизајнерското размислување. Изложбата претставува авторска селекција на модни илустрации, скици и текстилни принтови, во кои цртежот не е подготвителна фаза на проектирањето, туку самостојно уметничко дејство – автономен чин на визуализација, емоција и идеја.
– Ова е уште една потврда дека уметноста има сила, не само да разубавува, туку да обединува, да инспирира и да гради врски што ја надминуваат формалноста. Со тоа, Македонскиот културно-информативен центар во Софија уште еднаш ја потврди својата улога како жив и отворен простор каде што културата се случува автентично, со срце и со визија – рече на отворањето на изложбата директорот Зоран Пејковски.