Словенечкиот перкусионист, тапанар и композитор Златко Каучич, кој ќе настапи со својот состав „Комбо БЦ“ и проектот „Храброста на храбрите“ (Bravery of the Brave), вечер во Националната опера и балет ќе го отвори 45. издание на Скопскиот џез-фестивал (СЏФ).
По Каучич, концерт ќе одржи тенор-саксофонистот, кларинетист и композитор Леонхард Скорупа, предводник на квинтетот со меѓународен состав „Quispel Quintet“. За отворањето на 45. Скопски џез-фестивал, Скорупа е ангажиран да компонира ново музичко дело, при што својот базичен петочлен ансамбл ќе го прошири со тројца македонски музичари (Божидар Пеиќ – виолончело, Бојан Талевски – виола и Ѓорѓи Петрушевски – обоа) и заедно ќе настапат како октет (Quispel Octet). Полноќниот термин, пак, е резервиран за италијанско-американскиот дует, вибрафонистот Пасквале Мира и вокалистот Хамид Дрејк.
До 18 октомври, во Националната опера и балет ќе се одржат вкупно 11 концерти со музичари од 13 земји. Осум концерти ќе се одржат на главната сцена, а три полноќни настапи на малата сцена во НОБ.
Покрај концертната програма, во рамките на фестивалот ќе бидат прикажани и музички документарни филмови, како и едукативна работилница „Џез за деца“.