Вечер (21 јануари) во Кинотеката на Македонија почнува специјалната програма „Најдоброто од Киненова“.
Ова е концентриран избор на најдобрите од најдобрите филмови кои беа прикажани на минатото издание, но и на претходните изданија – двата победнички филма добитници на „Гран при“ на МФФ „Киненова“, првиот филм на победникот на последното издание на Берлиналето, Даг Јохан Хагеруд, еден од најактуелните и најпровокативни палестински филмови и многу други сѐ уште актуелни филмови за кои публиката бараше репризни прикажувања.
Вечер од 18:00 часот, во чест на големиот професионалец и креативец, македонскиот кинематографер Владимир Самоиловски, инаку лауреат на 10. издание на „Киненова 25“, ќе биде прикажан македонскиот филм „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи.
А од 20:00 часот ќе игра српскиот филм „Помеѓу боговите“ на Младен Ршумовиќ, овенчан со две награди на „Киненова 25“ – за најдобро сценарио и најдобра режија. Автентична приказна заснована врз траумите од големите бегалски бранови кои поминуваат низ балканската рута, а каде што во случајов попатна станица е Белград. Меѓу главните улоги е и Никола Ристановски, кој совршено се изразува на фарси.