Во Македонскиот културно-информативен центар во Белград вечер (8 мај) во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Куварице мање збори“ од проф. Јана Јакимовска. За авторката и за изложбата, пред белградската публика ќе зборува директорот на КИЦ во Белград, Васко Шутаров. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Изложбата обработува теми поврзани со женскиот труд, идентитетот и современата феминистичка критика, поврзувајќи ја традицијата со дигиталната ера. Проектот се состои од 20 цртежи и 7 слики, инспирирани од песната „Везилка“ од Блаже Конески.
Јана Јакимовска е визуелна уметница и професорка на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, со многубројни самостојни и групни изложби во земјава и во странство.