Еден од најдобрите полски пијанисти, Анджеј Јагоѓински, на 16 октомври во Националната опера и балет ќе го отвори годинашниот 44. Скопски џез-фестивал (СЏФ). Јагоѓински првпат доаѓа во Скопје и во оваа пригода ќе настапи во формација трио, а ќе ги свири Бах и Шопен.
Втората вечер, на 17 октомври, ќе настапат американскиот гитарист Марк Рибо и еден од најпрогресивните уметници на реномираната импровизаторска сцена на Чикаго, Кахил Ел Забар, а саботата, 18 октомври, е резервирана за скандинавските уметници. Први настапуваат „After the wildfire quartet“ – Арве Хенриксен и Јан Банг со гитаристот Ејвинд Арсет и перкусионистот Ингар Зак, а потоа Горан Кајфеш со квартетот „Tropiques“, кој на публиката ќе ѝ понуди „хипно-џез“ уживање. Квартетот, покрај Кајфеш, го сочинуваат и исклучителните шведски музичари Александар Зетсон, Јохан Берлинг и Јохан Холмегард.
СЏФ завршува на 19 октомври со настап на најкреативниот и најдобар жив американски џез-музичар, трубачот и композитор Вадада Лео Смит и пијанистката Силви Курвоазје, по кои ќе свири и квартетот на тенор-саксофонистот Џејмс Брендон Луис.