Во конструктивна атмосфера, во текот на вчерашниот ден беше остварена средба меѓу државниот секретар Марија Станчевска-Ѓоргова, претставници на Министерството за култура и туризам и членови на Управниот одбор на Асоцијацијата „Јадро“.
На средбата беше изразена подготвеноста за унапредување на дијалогот меѓу Министерството за култура и туризам и културните работници кои дејствуваат вонинституционално.
Државниот секретар Ѓоргова истакна дека во организациите од граѓанскиот сектор, Министерството за култура и туризам препознава активен партнер кој може да придонесе во многу процеси со кои ќе се унапредат состојбите во културата во нашата држава.
Од страна на претставниците на Асоцијацијата беше подвлечена важноста на поддршката за независната културна сцена како клучен дел од современиот македонски социокултурен систем. Во таа смисла, беше поздравена континуираната поддршка од Министерството за култура и туризам и беа разгледани можностите за унапредување на условите за учество и финансирање на независната сцена во рамките на годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата.