„Длабоко во себе“ е изложба која е дел од инклузивен креативен проект по повод Меѓународниот ден за подигнување на свеста за лицата со аутизам. Изложбата ќе биде отворена на 31 март (вторник) во 11 часот во Чифте амам.
Ликовната уметност е важна за развојот на децата. Тие ги развиваат својата имагинација и способноста за креативно размислување, учат да комуницираат преку цртежи и бои и на невербален начин се искажуваат подобро и поубаво отколку што би можеле вербално за својата возраст. Тоа е особено потребно и корисно кај децата со попреченост во развојот и затоа важноста за постоење и поттикнување на ваквите проекти е повеќе од потребно.
Па така, оваа година децата имаа можност да ја научат и да ја применат графичката техника монотипија. За разлика од другите графички техники, каде што може да се направат повеќе исти отпечатоци, кај монотипијата секој отпечаток е единствен.
Темата на овие работилници беше морски свет, па нанесувајќи на хартија графички бои, децата цртаа риби, морски ѕвезди, октоподи, морски желки, школки, како и различен морски свет. Со притисок, рачно или со преса, бојата ја пренесоа на хартијата. Резултатот што се добива со ваквиот начин на сликање е уникатна графика.
Во овие работилници учествуваа деца од повеќе училишта: ОУ „Невена Георгиева-Дуња“, ОУ „Св. Климент Охридски“, ОУ „Исмаил Ќемали“, ОУ „Имри Елези“, ДСУ за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“, Здружението „Инклудиверса“, како и студентите од Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ под менторство на проф. д-р Бурхан Ахмети.
Маја Димитрова е едукатор на изложбата што ќе трае до 5 април.