Под слоганот „Сите сме исти. И јас и ти“, од 13 до 17 октомври, Скопје ќе биде домаќин на пет фестивалски дена исполнети со театарска магија, креативност и уметнички приказни.
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде одбележано со претставата „Која е Лорет“ во изведба на НУ Театар за деца и младинци – претстава која на нежен, искрен и моќен начин зборува за прифаќањето, еднаквоста и правото секој да биде свој.
На сцените на Театарот за деца и младинци, Македонскиот народен театар и Драмскиот театар – Скопје, публиката ќе има можност да проследи внимателно избрани претстави од регионот и од Европа, создадени од професионалци во областа на куклениот, детскиот и младинскиот театар.
Преку различни сценски јазици, современи театарски изрази и приказни што ги поврзуваат генерациите, фестивалот ги слави различноста, пријателството и човечноста, потсетувајќи нè дека токму во нашите разлики се крие можноста да се разбереме и да се зближиме.