Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Битола повторно е светска престолнина на кинематографијата

Битола повторно е светска престолнина на кинематографијата

Од 19 до 25 септември, Битола повторно ќе биде местото каде што се среќаваат големите имиња на светската кинематографија, современиот филм и наследството што пред повеќе од еден век го започнаа браќата Јанаки и Милтон Манаки.

Започнува 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија, еден од најзначајните македонски културни настани и фестивал со посебно место на меѓународната филмска мапа.

Годинашното издание носи исклучителна фестивалска програма и над 500 гости. Меѓу нив се и некои од најзначајните автори на филмската слика на нашето време.

Фестивалот ќе им оддаде признание на Дан Лаустсен и Џеф Кроненвет, кинематографери чии кадри се дел од современата филмска историја, а во Битола пристигнува и двојниот оскаровец, Јануш Камињски.

Посебно место во годинашното издание има и наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, признание со кое Друштвото на филмските работници на Македонија оддава почит на исклучителни автори и филмски професионалци кои оставиле значајна трага во македонската кинематографија.

„Браќа Манаки“ е повеќе од фестивалска недела. Тоа е традиција што ја поврзува македонската кинематографија со светот и ја продолжува приказната започната токму овде, со пионерската работа на браќата Манаки.

Министерството за култура и туризам го поддржува овој значаен културен настан, неговиот меѓународен карактер и неговата мисија да создава простор за нови автори, нови генерации и нови филмски приказни.

Од 19 септември, светлата повторно се насочени кон Битола.

Започнува 47. ИФФК „Браќа Манаки“.

Мени за пристапност