Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Холандската поетеса Анеке Брасинга е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година

Холандската поетеса Анеке Брасинга е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година

Холандската поетеса Анеке Брасинга е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2026 година. Одлуката за годинешниот венцоносец беше објавена денеска во МАНУ, каде што беа претставени биографијата на Брасинга, нејзиното творештво и библиографија.

 

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој присуствуваше на претставувањето, истакна дека со доделувањето на „Златниот венец“ на Анеке Брасинга се зацврстува и една значајна културна врска меѓу Македонија и Холандија, врска што се гради преку литературата, преводот и заемната љубопитност на две култури што се среќаваат во просторот на поезијата.

 

- Постојат моменти кога зборовите не се доволни за да ја соберат онаа тивка моќна сила со која еден автор преку своето дело успева да го помести светот подалеку од прозаичното и поблиску до суштественото. Денес не прогласуваме лауреат. Прогласуваме сведоштво. Прогласуваме доказ дека поезијата е врвен акт на творечка храброст и дека Струшките вечери на поезијата оваа година имаат поетски глас, што во полна творечка убавина ќе одекне пред светот - нагласи Љутков пред присутните.

 

Тој додаде дека постојат биографии што се пишуваат со животот и постојат биографии што животот ги обликува како историја.

 

- Биографијата на Брасинга е токму таква. Дебитира со поезија, продолжува со есеистика, се впушта во пенливите води на прозата, а потоа, со онаа посебна возбуда кај луѓето што навистина ги сакаат зборовите, станува преведувач.

 

Не само преведувач на текстови туку и преведувач на светови. Поезијата на Брасинга е оној простор каде што јазикот престанува и почнува нешто друго. Нешто за кое зборот „стих“ е премалку. Таа пишува со онаа ретка трпеливост, речиси забранета во нашата нервозна епоха. Трпеливост на некој што знае дека вистинскиот збор не доаѓа прв, дека треба да се почека, дека тишината е исто толку важна колку и говорот - истакна министерот.

 

Љутков рече дека поезијата на Брасинга ја поседува таа ретка способност да го направи малото - големо, а големото - блиско и човечно. Таа е авторка, нагласи, што знае дека еден единствен збор, поставен со вистинска мера и тишина околу него, може да ја промени не само реченицата туку и начинот на кој читателот го доживува светот.

 

- Во исто време, нејзиното дело е и мост, мост меѓу јазиците, меѓу културите, меѓу разните поетски традиции на Европа. Со доделувањето на „Златниот венец“ на Анеке Брасинга се зацврстува и една значајна културна врска меѓу Македонија и Холандија, врска што се гради преку литературата, преводот и заемната љубопитност на две култури што се среќаваат во просторот на поезијата - потенцира министерот.

 

За Љутков, ова признание не е само почит кон едно исклучително творештво, туку и нова можност за продлабочување на културниот дијалог меѓу нашите две земји. Тоа отвора врати за нови преводи, нови литературни средби, нови културни проекти, но и за една поширока културно-туристичка перспектива.

 

Љутков се обрати и директно до Анеке Брасинга.

 

- Добредојдовте во семејството на лауреатите на „Златниот венец“. Оваа чест е ваша, но убавината на моментот е заедничка. Затоа што поезијата, дури и кога е напишана во самотија, никогаш не е само за еден. Таа е за сите нас.

 

За оние што доаѓаат по нас. Дури и за оние што сè уште не знаат колку таа им е потребна. Ви благодариме што нè потсетувате дека тишината може да биде полна со значење, а зборот - со вечност - порача министерот за туризам и култура од амфитеатарот на МАНУ.

 

На настанот беше прочитана порака до Струшките вечери на поезијата од страна на Брасинга.

 

- Голема чест и големо изненадуване е за мене што Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата ми го додели „Златниот венец“ за 2026 година. Длабоко сум трогната од ова високо признание, уште повеќе што сум првата холандска поетеса на која ѝ е доделена оваа награда. Тоа ми дава чувство како со овој венец да е одликувана целата холандска поезија и од минатото и од сегашноста - наведува таа во својата порака.

 

Таа изразува благодарност што ќе учествува на, како што нагласува, прочуениот меѓународен Струшки фестивал и додава оти се надева дека „Златниот венец“ ќе го носи со достоинство.

 

Образложението за одлуката наградата „Златен венец“ да ѝ се додели на Брасинга, поетеса од Кралството Холандија, пред присутните го сподели в.д. директорот на Струшките вечери на поезијата, Никола Кукунеш.

Мени за пристапност