„Со институции ја браниме државноста, со труд економијата, со закони демократијата. Но иднината ја обезбедуваме единствено со културата. Зашто само таа создава траење. Само таа создава припадност. Само таа создава паметење.“ порача министерот за култура и туризам Зоран Љутков на свеченото отворање на 66. издание на фестивалот „Охридско лето“, истакнувајќи дека културата е најсилниот темел на националниот идентитет и највредното наследство што една држава им го остава на идните генерации.
Со гала концертот „Љубов“, на кој настапија светски реномираната оперска дива Ермонела Јахо од Албанија и прославениот тенор Чарлс Кастроново од Соединетите Американски Држави, во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на маестро Марко Боеми од Италија, синоќа во Античкиот театар свечено беше отворено 66. издание на најреномираната македонска меѓународна музичко-сценска манифестација – „Охридско лето“.
Во своето обраќање, министерот Љутков нагласи дека „Охридско лето“ не е само фестивал, туку жив симбол на македонскиот културен континуитет и потврда дека државите се препознаваат не само по својата политичка и економска моќ, туку и по вредностите што ги создаваат и ги оставаат зад себе.
Во присуство на претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, претставници на државниот врв, дипломатскиот кор, верските заедници, културни дејци и бројни гости од земјата и странство, фестивалот и годинава испрати силна порака дека Охрид останува место каде што се среќаваат највисоките дострели на светската и македонската уметност, а културата продолжува да биде најсилниот мост меѓу народите и цивилизациите.