Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Советот за култура иницира Стратешка рамка за дигитализација во културата

Советот за култура иницира Стратешка рамка за дигитализација во културата

Во светот на новите технологии, културата добива нова димензија на достапност и инклузивност. Советот за култура, стручното и советодавно тело на Министерството за култура и туризам најави иницијатива за изработка на Стратешка рамка за дигитализација во културата, со цел да се одговори на предизвиците и можностите што ги носи дигиталната трансформација.

Дигитализацијата во културата подразбира користење на дигитални технологии за создавање, зачувување, дистрибуција и пристап до културните содржини и уметничките изрази. Оваа стратегија вклучува дигитално архивирање на културното наследство, развој на виртуелни музеи и галерии, како и иновации во користењето на нови медиуми, вклучувајќи виртуелна и проширена реалност.

„Дигитализацијата не само што ја зголемува достапноста на културните содржини, туку ги надминува географските и физичките ограничувања, обезбедувајќи им на сите можност за широка афирмација на културното наследство“, изјави претсeдателката на Советот за култура, д-р Ганка Цветанова.

Советот нагласува дека системската дигитализација на културата е стратешки приоритет, кој ќе гарантира долгорочно зачувување на културното наследство и ќе го модернизира неговото доживување во современото општество.

Стратешката рамка за дигитализација ќе служи како основа за интегрирање на дигиталните технологии во културните политики, поттикнувајќи нови форми на креативно изразување и поширок општествен ангажман.

Оваа иницијатива е повик за соработка на сите релевантни чинители – културните институции, владините тела, научната заедница и приватниот сектор – со цел да се осигури успешна и одржлива дигитална трансформација на културата.

Мени за пристапност