Во Музејот на македонската борба за самостојност денеска беше отворен Меѓународниот симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан Први“, кој од 31 октомври до 2 ноември се одржува во Скопје.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето обраќање истакна дека ликот и делото на императорот Јустинијан се трајна инспирација за поврзување меѓу народите, културите и времињата.
„Светот е мрежа од мисли, дела и спомени, а она што го поврзува човекот со другите, тоа го прави бесмртен. Јустинијан е пример за бесмртност преку поврзување“, рече министерот, додавајќи дека преку византиското наследство, Македонија го гради својот академски и културен мост со Италија и со многу други земји.
Љутков се заблагодари за поддршката на Италијанската амбасада и на Универзитетот во Болоња, нагласувајќи дека културното и научното поврзување ги надминуваат границите и времето.
На симпозиумот учествуваат околу 40 научници од 16 земји, кои во шест сесии ќе ги претстават најновите истражувања од областа на византологијата и средновековните студии.
„Овој симпозиум е сведоштво дека духот на Јустинијан продолжува да живее во истражувачите, уметниците и сите оние што веруваат дека знаењето и културата се темел на едно достоинствено и слободно општество“, истакна министерот Љутков.
Настанот го организираат Институтот за национална историја при УКИМ и Универзитетот во Болоња, во соработка со Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ а со финансиска поддршка од Министерство за култура и туризам.
 
                                     
                                     
                                     
                             
                             
                             
                            