Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани денеска оствари средба со еден од најнаградуваните македонски филмски режисери, Милчо Манчевски.
На средбата, министерот Сулејмани му го честиташе големиот меѓународен успех за освојувањето на главната награда „Гран при на гувернерот на Токио“ на Филмскиот фестивал во Токио од А-категорија, за неговиот најнов филм „Сестра, брат и шахта“.
Овој успех претставува значаен момент за македонската кинематографија бидејќи е прва победа на македонски филм на фестивал од А-категорија по „Пред дождот“, кој во 1994 година го освои Златниот лав во Венеција.
На средбата беше истакнато значењето на меѓународната афирмација на македонскиот филм, како и придонесот на Манчевски во промоцијата на македонската култура и кинематографија на светската сцена. Неговиот најнов филм, снимен со меѓународна екипа на локации низ Скопје и Македонија, е уште една потврда за потенцијалот и препознатливоста на македонското филмско творештво.
Министерството за култура и туризам останува посветено на поддршката на македонските филмски автори и создавањето услови за развој и меѓународна промоција на домашната кинематографија.