Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Министерот Љутков на седница на Национална комисија на УНЕСКО: Само со заедничка акција ќе покажеме конкретен напредок

Министерот Љутков на седница на Национална комисија на УНЕСКО: Само со заедничка акција ќе покажеме конкретен напредок

Во Охрид денеска се одржа седница на Националната комисија за УНЕСКО на која се дискутираше за одлуката и за заклучоците од 47. Сесија на Комитетот за светско наследство во Париз, со која, на Македонија и на Албанија им беше даден дополнителен рок од една година за спроведување на корективните мерки, со цел да се обезбеди зачувување на статусот на регионот и неговата универзална вредност.

На седницата со која претседаваше министерот за култура и туризам и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Зоран Љутков беше истакнато дека благодарение на заедничкото и интензивно делување, е обезбеден простор и време за да се реализираат потребните активности.

„Овој временски период не смее да го сфатиме како одложување, туку како обврска за забрзана акција. Затоа Владата на седницата во јули годинава веќе донесе заклучоци кои се во постапка на имплементација, а Министерството за култура и туризам активно учествува со свои претставници во сите работни групи“, рече Љутков во изјавата за медиуми.

Тој информираше дека Владата ги задолжи Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за култура и туризам, како и општините Охрид, Струга и Дебарца да подготват предлог за изменување на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. Дополнително, ќе се разгледа Планот за управување со посебен акцент на урбанизацијата и бесправно изградените објекти, а ќе се работи и на спроведување на препораките од Извештајот на УНЕСКО.

„Нашата обврска е до 1 февруари 2026 година, заедно со Република Албанија, да доставиме извештај за напредокот во заштитата на Охридскиот регион. Тоа е предизвик, но и можност да покажеме дека кога станува збор за национален интерес, можеме обединето и одговорно да делуваме,“ истакна министерот.

На денешниот состанок на Националната комисија на УНЕСКО беа донесени и конкретни заклучоци во насока на брзо делување во сите сегменти, со конкретна временска рамка за сите предвидени активности, за што дополнително ќе биде информирана и Владата и јавноста.

„Испраќаме јасна порака: секој орган и институција мора веднаш да ги преземе своите надлежности, бидејќи само со заедничка акција ќе покажеме конкретен и видлив напредок. Охрид е нашата гордост, но и наша обврска,“ заклучи Љутков.

Мени за пристапност