Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Љутков: Вмрежувањето, мобилноста и фондови од ЕУ се клучни за културен раст

Љутков: Вмрежувањето, мобилноста и фондови од ЕУ се клучни за културен раст

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во Порта Македонија се обрати на дводневниот „Транснационален настан посветен на унапредувањето на културното наследство преку европска соработка: Мрежи, мобилност и можности за финансирање одЕУ“  кој денеска и утре се одржува во Скопје, а на кој учествуваат бројни експерти, претставници на академската заедница, националните институции,  граѓанскиот сектор.

 Во своето обраќање, министерот Љутков, потенцираше дека културното наследство не треба да се гледа само како сведоштво на минатото, туку како жив ресурс што може активно да придонесе кон современиот културен и општествен развој.

 „Македонија, како земја со длабоки културно историски корени, го сведочи тоа преку бројни споменици, археолошки локалитети и традиции: од праисториското светилиште Кокино, преку античките градови Хераклеја, Стоби и Скупи, до духовното и културно богатство на Охрид, неговите цркви, икони и писмена традиција. Нашето наследство не смее да остане тивко сведоштво. Наша задача е да му дадеме нов живот преку дигитализација, иновативни пристапи, образованието, туризмот и вклучувањето на младите генерации“, рече Љутков.

 Особено внимание беше посветено на важноста од вклучување во европските програми како Креативна Европа, Еразмус+, Хоризонт Европа, како и преку ИПА и Интеррег инструментите. Овие програми нудат можности за финансиска поддршка, вмрежување и размена на знаења, со цел промоција и иновација во културниот сектор.

 Министерството за култура и туризам активно ја поддржува вклученоста на македонските институции во европските мрежи и ги охрабрува сите културни чинители да се информираат и да аплицираат преку Канцеларијата за Креативна Европа, која обезбедува советодавна и техничка поддршка.

 „Нашата визија е јасна, а тоа е да ја засилиме европската димензија на македонската културна продукција, да ги поттикнеме младите професионалци, и да го поставиме културното наследство како движечка сила на одржливиот развој,“  нагласи Љутков.

Тој упати порака за обединетост, заедништво и визија за заедничка европска културна иднина, со апел сите културни институции и поединци да ги искористат европските можности за соработка и развој.

Мени за пристапност