Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митевски, извршија увид во текот на реализацијата на првата фаза од реновирањето на мултифункционалниот центар во Општина Аеродром.
Проектот е поддржан преку капиталните дотации за инфраструктурни проекти во културата за 2025 година, за што се издвоени 99 милиони денари.
„Согласно договорот потпишан во јули годинава, за првата фаза се обезбедени 21.544.640 денари, а преостанатите средства се планирани за 2026 и 2027 година. Реконструкцијата на овој простор, кој долги години беше запуштен, се одвива согласно планот, а по завршувањето, центарот ќе стане ново културно јадро на општината и значително ќе го збогати културниот живот на жителите“, рече министерот Љутков.
Министерот Љутков нагласи дека државата стратешки вложува во културната инфраструктура низ целата земја.
„Реконструкцијата на овој центар е дел од пошироката стратегија за рамномерен културен развој. Министерството за култура и туризам досега има потпишано околу 20 договори со општини низ државата за изградба на мултифункционални центри, од кои дел се во главниот град, со важна улога и во подготовките за проектот Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, рече Љутков.