Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Љутков: Проектот за модернизација на гледалиштето во Театар „Комедија“ е пример за успешна соработка со пријателска Полска

Љутков: Проектот за модернизација на гледалиштето во Театар „Комедија“ е пример за успешна соработка со пријателска Полска

Министерот за култура и туризам, заедно со амбасадорот на Република Полска, Мариуш Бримора, денеска го посети објектот на Националната установа Театар „Комедија“ – најмладата, но и една од најпосетуваните национални театарски институции во земјава.

 

Во рамки на посетата беше презентиран успешно реализираниот проект за комплетна замена на седиштата во гледалиштето.

 

„Со средства обезбедени преку Програмата на Министерството за култура и туризам, во висина од над 5,3 милиони денари, набавени и монтирани се 305 нови, модерни столчиња, како и современ ПВЦ-под. Вкупната вредност на проектот изнесува 9 милиони денари, од кои 2 милиони денари се обезбедени како донација од Амбасадата на Република Полска и Институтот „Адам Мицкиевич“. Со оваа инвестиција по повеќе од шест децении, конечно се стави крај на неудобното седење во театарот. Дополнително, старите и амортизирани седишта нема да завршат како отпад, туку ќе бидат донирани на институции каде што се навистина потребни“, рече министерот Љутков.

 

Министерот истакна дека ваквите вложувања се залог за подобри услови и подигнато достоинство во културниот сектор:

„Ова не е само обновување на столчиња. Ова е обновување на довербата, на енергијата и на достоинството на културата. Кога државата, пријателските земји и културните институции се на иста страна, резултатите се видливи, конкретни и непосредно ја подобруваат културната понуда за граѓаните.“

 

Министерството за култура и туризам останува посветено на континуирано, одговорно и визионерско вложување во културните институции, создавајќи подобри услови за творење и повисок квалитет на културните содржини.

 

Новото гледалиште првпат ќе биде во целосна употреба на 28 ноември, кога ќе се одржи премиерата на претставата „Ивона, принцезата од Бургундија“. Во текот на оваа година, Театар „Комедија“ реализира 8 премиери и околу 120 изведби, кои ги проследија приближно 33.000 гледачи, што уште еднаш ја потврдува неговата значајна улога во културниот живот.

Мени за пристапност