Денес, во свечена и емотивна атмосфера, во Националната установа Библиотека „Григор Прличев“-Охрид, беше одбележано враќањето на „Пчињското изборно евангелие“-најстариот ракопис од реткиот фонд на библиотеката, кој по повеќе од четири века повторно е достапен во градот каде што зборот отсекогаш живеел.
На настанот присуствуваше министерот за култура и туризам,Зоран Љутков кој истакна дека овој чин претставува „победа на паметењето над заборавот, на духовното над временото, и на љубовта кон културното наследство над рамнодушноста“.
Ракописот, напишан во последната четвртина на XVI век, беше откриен во 1999 година од книжевниот историчар Михајло Георгиевски и со години беше предмет на истражувања, конзервација и заштита од страна на домашни стручњаци. Благодарение на поддршката од Министерството за култура, во 2023 година беше адаптирано ново депо за редок библиотечен фонд, изградено по највисоки стандарди за чување и конзервација на книжното наследство.
Во чест на враќањето на Евангелието, беше промовиран и нов Каталог на ретки изданија, што го претставува богатството на охридската библиотека, ризница со над 800 книги од периодот 1872–1945 година, на различни јазици и автори.
Министерот нагласи дека Библиотеката „Григор Прличев“ денес претставува повеќе од институција-таа е жив организам на духот и знаењето, со над 100.000 книги во својот фонд и континуирана поддршка на домашните автори. Таа е препознаена како стожер на културниот живот во Охрид и во 2024 година заслужено беше наградена како библиотека со најмногу издадени книги од македонски автори.
„Со враќањето на Пчињското евангелие, не сведочиме само културен настан, туку победа на трудот, знаењето и љубовта кон сопственото наследство. Тоа е потврда дека секоја установа што работи посветено ќе биде поддржана од Министерството за култура и туризам“, изјави министерот.