На ова место, пред точно 122 години, се роди надежта, се роди Републиката, се роди сонот за праведна, демократска и народна македонска држава, парача синоќа од Гумење во Крушево министерот за култура и туризам Зоран Љутков при отворањето на манифестацијата „10 дена Крушевска Република“.
На свеченоста на отворањето на која присуствуваа претседателката Гордана Силјановска Давкова, пратеници, граѓани како и Илинденските коњаници од сите краишта на Македонија, Љутков, прогласувајќи ја за отворена манифестацијата која се одржува по 57-ми пат, рече дека Илинденското востание беше морална победа на потчинетиот над угнетувачот, на Сонцето над мракот, на идејата над силата на империјата, а Крушево е највисоката точка на македонскиот непокор, во која се спојуваат минатото, сегашноста и иднината.
- Крушевската Република беше македонската химера на слободата и скапоцен сноп светлина во петвековниот мрак. И нејзиниот глас сѐ уште одекнува – низ песните, низ приказните, низ зурлите и тапаните, низ иконите, низ занаетчискиот чекан и низ насмевката на секое дете, кое штотуку заучува дека: „Македонија е сè што имаме“. Затоа, и како Влада на Македонија не отстапуваме од својот завет – за грижа кон македонскиот јазик, за инвестиции во националните установи, за одбрана на историската вистина на меѓународната сцена, за праведна застапеност и достоинствен став кон сојузниците и соседите. „Нема мала земја кога е голема љубовта кон неа. А љубовта кон Македонија нема мера“, рече Љутков.
Крушево е олтар на Македонија, наша идеја, чувар на нашиот идентитет, нашата самобитност, нашата слобода со име и презиме.
-Манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ не е фолклор – таа е повторно прочитано писмо кон иднината, напишано со крвта на младите востаници, во кои сѐ уште татнат зборовите на Карев: „Јас верувам во мојот народ, во неговата борба, во неговата иднина“, нагласи министерот за култура и туризам Зоран Љутков.