Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Љутков од Крушево: Македонија има потенцијал да стане регионален туристички хаб

Љутков од Крушево: Македонија има потенцијал да стане регионален туристички хаб

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска престојуваше во Крушево, каде беше одбележан Светскиот ден на туризмот под темата „Одржлива трансформација во туризмот“.

На трибината организирана по тој повод, министерот Љутков истакна дека туризмот за Македонија е прашање од стратешко значење.

„Нашата географска положба – на крстопатот на Балканот, каде се сечат европските Коридори 8 и 10 – ни овозможува да бидеме транзитен центар. Наша цел е патниците кои минуваат низ земјата да станат гости, а гостите да станат амбасадори на македонската култура, природа и гастрономија. Тоа е дел од нашата стратегија: Македонија да се развива како регионален туристички хаб кој комбинира економски раст, културна промоција и меѓународна видливост,“ рече Љутков.

Министерот информираше дека во периодот јануари – јули 2025 година Македонија ја посетиле 730.793 туристи, што претставува зголемување од 10.2 % во однос на истиот период минатата година. Кај странските туристи растот изнесува 15.1 %, а најбројни се посетителите од Турција, Србија, Полска и Холандија. Вкупниот број на ноќевања изнесува 1.750.979, што е зголемување од 5.5 % во однос на истиот период во 2024 година.

Во своето обраќање тој потенцираше дека Владата преку Министерството за култура и туризам е цврсто определена одржливоста да ја стави во центарот на туристичките политики, преку инвестирање во обновливи извори на енергија во туристичките капацитети, заштита на националните паркови, дигитализација на услугите и развој на интегрирани регионални понуди.

„Туризмот не е само патување, тоа е искуство. Нашата задача е тоа искуство да биде автентично, одржливо и незаборавно. Вистинската сила на туризмот се луѓето, нивната отвореност, искреност и љубов кон традицијата. Со заедничка работа и визија, туризмот ќе биде наш пат кон одржлив развој, силна меѓународна позиција и гордост за идните генерации,“ нагласи Љутков.

Во рамки на настанот во Крушево, покрај дискусиите, посетителите имаа можност да се запознаат со традиционални занаети, да дегустираат  крушевски специјалитети и да уживаат во активности на отворено.

Мени за пристапност