Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска, во рамките на работната посета на Охрид, заедно со директорот на Заводот и музеј – Охрид, Горан Патчев, и пратениците во македонското Собрание од Охрид, изврши увид во состојбата на Самуиловата тврдина и ги презентираше активностите што ќе се реализираат со цел заштита и ревитализација на културното наследство.
Министерот нагласи дека заштитата, промоцијата и презентацијата на Охрид и охридската споменична целина, која е дел од светското културно и природно наследство, претставуваат врвен приоритет за Министерството за култура и туризам.
„Се наоѓаме на Самуиловата тврдина – еден од најзначајните симболи на историјата, културата и идентитетот на Охрид. Нашата заложба е ова културно богатство да го зачуваме, но и да му дадеме нова, современа културна содржина“, истакна министерот.
Тој додаде дека во годината кога Заводот и музеј – Охрид одбележува 75 години од постоењето, во годишната програма за заштита на недвижното културно наследство се издвоени 11 520 000 денари за реализација на значајни проекти. Средствата се наменети за ревитализација на Самуиловата тврдина, а тоа опфаќа археолошки доистражувања, поставување илуминација и партерно уредување со летна сцена. Со тоа ќе се овозможи повторно да се одржуваат театарски претстави, концерти и други културни настани, а тврдината ќе добие и одржлива културна функција.
Покрај тоа, ќе се реализираат и заштитни интервенции и археолошки истражувања на локалитетот Манчевци, каде што се наоѓа ранохристијанска базилика со вредни мозаични површини. Поради констатирани оштетувања, предвидени се активности за дополнителни истражувања, изградба на потпорен ѕид и соодветно инфраструктурно уредување, со цел создавање услови за негова презентација и промоција.
Љутков потенцираше дека Министерството за култура и туризам останува цврсто посветено на системска грижа за културното наследство, како значаен ресурс за развој на културниот туризам и афирмација на државата на меѓународно ниво.