Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Љутков: „Галичка свадба“ дише со јазикот на минатото и надежта за иднината

Љутков: „Галичка свадба“ дише со јазикот на минатото и надежта за иднината

Во рамките на традиционалната „Галичка свадба“, викендов во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник, со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди, се одржа венчавката на годинашните младенци Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, честитајќи им го бракот на младенците, рече дека од година во година, манифестацијата „Галичка свадба“ ни покажува дека е витална, жива, дише и зборува со јазикот на нашите предци, но и со надежта за иднината.

„Како Министерство за култура и туризам, вложуваме сè повеќе за да ги заштитиме овие нематеријални вредности кои не се мерат со бројки, туку со припадност, љубов и идентитет.

Јован и Лилјана се 88. двојка што ќе го изоди патот на обредната мијачка свадба. Нивната љубов е љубовта на сите што веруваат дека минатото и иднината имаат заедничка точка – народните обичаи. На младенците од срце им пожелувам: да се сакаат долго, да бидат среќни и бериќетни“, рече Љутков.

Денот на венчавката почна со традиционалните обичаи „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, како и карактеристичниот обичај на „Галичката свадба“ – „гледање низ прстен“. Настанот заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, што го означи симболично затворањето на свадбената церемонија.

Мени за пристапност