Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Љутков: Шеесет и шесто издание на „Охридско лето“ – спој на традиција и врвна уметност со над 700 уметници од 24 земји

Љутков: Шеесет и шесто издание на „Охридско лето“ – спој на традиција и врвна уметност со над 700 уметници од 24 земји

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска престојува во Охрид, каде што се обрати на прес-конференцијата на која беше претставена програмата за 66. издание на „Охридско лето“, една од најпрестижните меѓународни културни манифестации во земјава.

 

Во своето обраќање, министерот истакна дека годинашното издание нуди внимателно избалансиран спој на традицијата и современите уметнички текови, со што се продолжува негувањето на високиот уметнички углед и меѓународното реноме на Фестивалот „Охридско лето“.

 

„Станува збор за програма која внимателно ги спојува традицијата и современите уметнички текови, нудејќи доживување достојно за угледот на Фестивалот, кој над шест децении претставува симбол на уметничкиот и културниот континуитет, афирмирајќи ја нашата земја како значајна дестинација на светската културна мапа“, нагласи министерот.

 

Тој додаде дека настаните традиционално ќе се одржуваат на сцената на Античкиот театар и во предворјето на црквата „Света Софија“, а програмата вклучува настапи на врвни домашни и странски уметници од областа на музиката, театарот и сценските уметности.

 

Министерството за култура и туризам, како што истакна министерот Љутков, останува цврсто посветено на поддршката на настани што ја афирмираат македонската култура на меѓународно ниво и го развиваат културниот туризам како значаен сегмент од националната економија.

 

На прес-конференцијата, директорот на Фестивалот, Цуцковски, соопшти дека годинашното издание ќе започне на 12 јули на сцената на Античкиот театар со гала-концертот „Љубов“. На отворањето ќе настапат врвни светски уметници под диригентската палка на маестро Марко Боеми, со учество на оперската дива Ермонела Јахо и тенорот Чарлс Кастроново, во придружба на Оркестарот на Македонската опера.

 

Годинава публиката во рамките на 66. издание на „Охридско лето“ ќе може да проследи 48 настани со учество на над 700 уметници од 24 земји од Европа и од светот.

Мени за пристапност