Италијански врвни тенори ќе го отворат 62. „Охридско лето“

од admin_kult

Четворицата светски познати тенори од Италија: Алесандро Косентино де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини, под диригентската палка на Лоренцо Бицари и придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет, ќе го отворат 62. издание на Фестивалот „Охридско лето“ на 12 јули на Античкиот театар во Охрид.

Ова го најави директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ на денешната прес-конференција, потсетувајќи дека врвни светски и докажани уметници  годинава ќе испишат уште едно успешно фестивалско издание.

– Нѐ очекуваат 40 атрактивни и возбудливи фестивалски вечери  со богата фестивалска програма создадена од нашите врвни и докажани уметници, сега селектори на „Охридско лето“, маестра Бисера Чадловска, диригент во Националната опера и балет и Сања Арсовска, актерка од Драмскиот театар Скопје. На годинешното 62. издание љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во 36 концерти, 9 театарски претстави и 6 настани во дополнителната програма. Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, предворјето на црквата „Света Софија“, како и  во црквата „Света Софија“ и во Центарот за култура, ќе пречекаме над 1000 уметници од 25 земји – најави директорката Поповиќ.

Годинава ќе настапат камерниот оркестар „Профундис“, Стефан Миленковиќ, а публиката ќе има можност да го види и фламенко-балетот „Луксурија“, спектакл базиран врз традиционални шпански фламенко- танци. Во соработка со Факултетот за музичка уметност од Скопје, ќе се промовира циклус од осум книги од композиторот и професор Димитрије Бужаровски. Ќе настапи уште еден виолинист, многу добро познат на македонската публика – Шломо Минц. Оваа година Фестивалот ќе се затвори со концерт посветен на делото на легендарниот македонски композитор Александар Џамбазов, кој почина годинава.

Богатата драмска програма на годинешното шеесет и второ „Охридско лето“ ќе ја предводат њујоршката „Ла мама“ и копродуциската „Балкан бордело“, белградските „Војна и мир“ и „Вујко Вања“, украинската „Кротењето на опаката“ , како и шест исклучителни домашни претстави.

Шеесет и второто издание на „Охридско лето“,  кое нуди богата програма, и годинава нема да ги одмине традиционалните настани, како што се: Вечер на Европската Унија, Италијанска вечер, Француска вечер, Грчка вечер, Американска вечер…

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе