IN MEMORIAM: Почина академик Радован Павловски

од admin_kult

‒ На 84-годишна возраст, вчера почина академик Радован Павловски ‒ поет, есеист и патописец ‒ соопшти Македонската академија на науките и уметностите во која беше редовен член од 2006 година.

Телеграма со сочувство до МАНУ упати и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која напиша дека со своите дела создавани низ шест децении активна творечка енергија и силна поетска страст, со сето она што го направи за македонската култура, Радован Павловски останува како вреден дел од мозаикот на исклучителните македонски уметнички вредности.

Радован Павловски е роден на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Својот живот го посветува на поезијата, која ја твори над шест децении. Покрај пишувањето поезија, твори и во другите уметности ‒ цртајќи цртежи, карикатури и изработувајќи скулптури.

Работниот век го почнува во декември 1956 година кога се вработува како преведувач и новинар во Радио Скопје (Танјуг), а потоа од 1959 година и во „Нова Македонија“. Од 1964 до 1982 година живее и твори во Загреб,  а од 1982 до 1985 година во Белград. Во Република Македонија се враќа во 1985 година.

Павловски беше член на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН-центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. На 10 мај 2006 година е избран за редовен член на МАНУ.

Автор е на многубројни книги со поезија, патописи и есеи. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди, а за своето творештво е добитник и на Орденот за заслуга за народ со сребрени зраци. Американскиот биографски институт го прогласи за Личност на годината за 1997 како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признати биографски дела“. Добитник е и на светското признание за животно дело за 1998 година (АБИ – САД).

‒ Акад. Радован Павловски во континуитет во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот. Повеќе книги со негова поезија се објавени и преведени во Македонија и надвор од неа: на српски, албански, словенечки, турски, француски, англиски, руски, чешки, романски, есперанто, шведски и на бугарски јазик, а во голем број избори на творештвото и на германски, италијански, арапски, грчки и на кинески јазик. Творештвото на акад. Радован Павловски е вклучено во разни антологии на современата македонска, европска и светска поезија ‒ соопшти МАНУ.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе