Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечер (28 јули) во 20 часот концерт ќе одржи Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија под диригентската палка на Борјан Цанев, а како солист ќе настапи флејтистката Богдана Бушевска.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија постои 35 години и е основан како прв сегмент на Летниот музички камп на МММ во Охрид во 1986 година, а веќе 35 години завршниот концерт на летната сесија на Оркестарот е дел од програмата на Фестивалот „Охридско лето“. Од 2018 година Оркестарот го носи името на македонскиот диригент Саша Николовски-Ѓумар.
Добитникот на македонското признание „Виртуози“ за „Најдобар музички изведувач во 2013 година“, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Северна Македонија. Од 1999 година е постојан диригент на Македонската филхармонија и на чело на овој оркестар постигнува забележителни резултати во земјава и во странство.
Богдана Бушевска го започнува своето музичко образование во музичкото училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово, а дипломира на ФМУ – Скопје во класата на проф. Страшо Темков. Учествува на многубројни државни и интернационални натпревари каде што освојува повеќе награди и признанија. Во 2017 година, по успешно положената аудиција, станува редовен надворешен соработник во групата флејти на Македонската филхармонија.