Јубилејно 10. издание на Интернационалниот литературен фестивал  „ПРО-ЗА Балкан“

од admin_kult

Во периодот од 18 до 21 септември во Скопје ќе се одржи десеттото јубилејно издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“. Гости на Фестивалот ќе бидат десетина писатели, издавачи и уредници од регионот.

Добитничка на наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот за оваа година е македонската писателка Оливера Николова, на која ќе ѝ се придружат писателите Дамир Каракаш, Броња Жакељ, Владислав Бајац, Елена Алексиева и Томислав Османли. Творештвото на овие автори ќе биде промовирано на отворањето на 18 септември во Даут-пашиниот амам.

Во рамките на Фестивалот ќе се одржи и разговор со хрватскиот режисер и сценарист Рајко Грлиќ, чиј филм „Караула“ ќе биде прикажан на 21 септември во Кинотеката. Предвидено е разговорот со Грлиќ да се одржи на вториот фестивалски ден од 20:00 часот во кафе-книжарницата „Буква“. Истиот ден Пијан Славеј ќе одржи музички перформанс што ќе започне во 21:00 часот. Перформансот е дел од промоцијата на неговата трета поетска книга, „Полиграф“.

За време на Литературниот фестивал ќе се одржи и тркалезна маса на тема „Литература/општество/критика“.

На третата фестивалска вечер видеообраќање ќе има годинашната добитничка на наградата „Прозарт“, Оливера Николова, а писателите ќе читаат извадоци од нивните дела. Во сеќавање на Луан Старова, ќе биде прочитан и извадок од негово дело.

Организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ е „Прозарт медиа“, a меѓу поддржувачите е и Министерството за култура.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе