Трет форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО

од admin_kult

Третиот форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО денеска и утре (28 и 29 октомври) се одржува во Општина Битола и во Центарот за култура – Битола. Темата на Форумот е „Креативните индустрии – мост на иднината меѓу културата и креативната економија/КОВИД-19 предизвици“.

На Форумот ќе бидат вклучени високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Сиднеј, Галвеј, Чјингдао, Бусан, Тераса, Брадфорд, Потсдам, Сараево, Софија – како и претставници на домашните релевантни институции, на невладиниот сектор и на бизнис-секторот кои работат во областа на креативните индустрии и филмот.

Форумот е од исклучителна важност за градот Битола, како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015, и е еден од 18-те градови кои се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, единствен од земјава и еден од ретките од регионот заедно со Софија и Сараево. Мрежата е клучен партнер на УНЕСКО.

Официјалното отворање е закажано за денеска во 13 часот во салата за седници на Советот на Општина Битола. Дводневната програма предвидува повеќе дискусии и презентации, а во неформалниот дел и неколку интересни и обмислени проекции на филмови, неформални средби и посета на обновеното кино на браќата Манаки и на реновираниот Офицерски дом.

Форумот го организира Здружението за филмска уметност „Центар за филм“ Битола во насока на зголемување на соработката меѓу градовите во областа на креативните индустрии и размена на искуства и добра практика. Интернационалниот форум на градовите од мрежата на УНЕСКО: „Креативните индустрии – мост на иднината меѓу културата и креативната економија“ е поддржан од УНЕСКО преку Министерството за култура во рамките на Програмата за партиципација на УНЕСКО за 2020 – 2021 година.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе